Рускиот претседател Владимир Путин нареди да се испратат руски војници во регионот на источна Украина под контрола на сепаратистите во воена ескалација за која западните лидери предупредија дека ќе предизвика огромни последици за Москва.
Во декретот објавен на интернет страницата на руската влада со датум од 21 февруари, се вели дека тој стапува во сила веднаш.
Во него се вели дека руската војска ќе влезе во Доњецк на барање на републиката за „да го одржи мирот“.
Документот исто така му дава задача на руското Министерство за надворешни работи да подготви „договор за пријателство, соработка и взаемна помош“ со Република Доњецк и да го достави до Кремљ на потпишување.
Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден ќе нареди нови санкции против областите под контрола на сепаратистите во Украина, откако рускиот претседател Владимир Путин ја објави својата одлука да ја признае независноста на сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина, потег што беше обесхрабрен од Обединетите нации и брзо осуден од западните лидери кои стравуваат од голем конфликт во регионот.
Путин во телевизиски говор наведе низа наводни поплаки против раководството во Киев, како и против НАТО и Западот. Говорот тој го заврши со потпишување на документи со кои се чини дека Кремљ дава поддршка за амбициите на сепаратистите.
Киев и западните лидери со недели предупредуваат дека рускиот воен напад врз Украина би можел да биде неизбежен, со повеќе од 150.000 руски војници собрани во близина на границата на Украина.
Додека Путин зборуваше, меѓународните новински агенции ги цитираа украинските владини трупи во рововите на фронтот во источна Украина како велат дека е засилено пукањето од тешкото оружје во рацете на сепаратистите.
Европските и американските лидери брзо го осудија признавањето и ветија повеќе санкции насочени кон Русија или кон областите во источна Украина под контрола на сепаратистите.
Руската рубља, исто така, драстично падна на над 80 во однос на доларот, додека акциите паднаа на најниско ниво во повеќе од една година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со американскиот претседател Бајден за развојот и свика состанок на Советот за национална безбедност.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот, Шарл Мишел, издадоа заедничка изјава во која велат дека признавањето е „еклатантно кршење на меѓународното право“.
Тие велат дека блокот „ќе реагира со санкции“ и „ја повторува својата непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“.