Пепел и политика

ИТАЛИЈА - Најголемиот активен вулкан во Европа Етна испушти чад и пепел во нова ерупција поради што денеска накратко беше затворен аеродромот Катанија на Сицилија.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин ќе ја признае независноста на регионите поддржани од Русија во источна Украина, се вели во денешното соопштение на Кремљ. Во соопштението се додава дека Путин за својата одлука ги информирал француските и германските лидери.

ЕУ - Шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел ги повика министрите за надворешни работи на блокот да преземат брза акција за да спречат критична криза во Босна и Херцеговина и распад на кревката нација од Западен Балкан.

ТУРЦИЈА - Турскиот суд одлучи дека бизнисменот Осман Кавала мора да остане во затвор, продолжувајќи го неговиот притвор на повеќе од четири години без пресуда, во судскиот процес што ги поттикна тензиите во односите на Анкара со западните сојузници.

ШВАЈЦАРИЈА - Меѓународна новинарска истрага тврди дека втората по големина швајцарска банка, Credit Suisse, со децении управувала со милијарди долари скриено богатство што им припаѓало на диктатори, нарушувачи на човековите права и поединци осомничени за корупција и други криминални активности, а некои од нив се од поранешните советски републики и балкански држави.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на брифингот со новинари оцени дека овој период во разговорите со Бугарија е посензитивен и дијалогот ќе продолжи на ниво на експерти и политички групи. Тој вели дека целта е ова прашање да биде затворено еднаш засекогаш преку сеопфатен документ којшто би бил протокол или декларација, каде ќе се ставаат сите документи важни за сите страни.

БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Бугарскиот премиер Кирил Петков на својот Фејсбук профил објави дека никој, нема да ги спречи него и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, како што наведува, да напредуваат во односите меѓу Софија и Скопје.

ИРАН / САД - Според договорот од 2015 година познат како Заеднички сеопфатен акционен план, Техеран се согласи да ги ограничи чувствителните нуклеарни активности во замена за олеснување на санкциите.