Рускиот претседател Владимир Путин ќе ја признае независноста на регионите поддржани од Русија во источна Украина, се вели во денешното соопштение на Кремљ. Во соопштението се додава дека Путин за својата одлука ги информирал француските и германските лидери.
Западните лидери предупредија на сериозни последици од признавањето на „независноста“ на териториите во источна Украина.
Амбасадорот на САД во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Мајкл Карпентер рече дека руското признавање би било „тажно“ и дека треба да се осуди.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел изјави дека Европската унија е подготвена остро да реагира.
„Ако има анексија, ќе има санкции, а ако има признавање ќе ги ставам санкциите на маса и министрите ќе одлучат“, рече Борел по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Формулацијата на Борел сугерира дека ЕУ, чии членки имаат различни интереси и гледишта за тоа како да се справат со Москва, во случај на признавање е можно потешко да се договори за заеднички став и санкции, отколку во случај на целосна анексија.
„Го повикуваме претседателот Путин да го почитува меѓународното право“, рече Борел додавајќи:
„Подготвени сме да одговориме со силен обединет фронт во случај да одлучи“ да ги игнорира овие повици, нагласи Борел.
По телефонскиот разговор со Путин и разговорите за „спречување на катастрофи“, кабинетот на германскиот канцелар Олаф Шолц соопшти дека германскиот лидер го осудува можното признавање и го предупредил Путин дека тој потег ќе биде „еднострано кршење“ на договорот од Минск чија цел е мирно решение на осумгодишната војна со сепаратистите во источна Украина.
Во обраќањето пред рускиот Совет за безбедност, рускиот претседател најави дека треба да се разгледа апелот на лидерите на двата сепаратистички региони во источна Украина, Доњецк и Луганск, да ги признаат како независни.
Путин во телевизиски изјави рече дека заканата за Русија значително ќе се зголеми доколку Украина влезе во НАТО.