Путин - Треба да се разгледа барањето за признавање на Доњецк и Луганск

Рускиот претседател Владимир Путин.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска на Советот за безбедност рече дека треба да се разгледа апелот на лидерите на двата сепаратистички региони во источна Украина за Русија да ги признае како независни.

Путин во телевизиска изјава рече дека заканата за Русија значително ќе се зголеми доколку Украина влезе во НАТО.

Состанокот на Советот за безбедност се одржува во услови на серија конфликти во источна Украина, за кои западните сили веруваат дека Русија би можела да ги искористи како изговор за напад.

Континуираното гранатирање денеска продолжи во долготрајниот конфликт меѓу украинските владини сили и проруските сепаратисти.

Претходно во понеделникот, водачите на сепаратистичките региони издадоа телевизиски изјави барајќи од Путин да ги признае како независни држави и да потпише договори за пријателство кои предвидуваат воена помош за да ги заштити од, како што ја опишаа, тековната воена офанзива на Украина. Истото барање минатата недела го поднесе и Долниот дом на рускиот парламент.

Украинските власти негираат дека започнале офанзива и ја обвинуваат Русија за провокација во услови на засилено гранатирање долж линијата за контакт што ги дели двете страни.

Кремљ првично сигнализираше неподготвеност да ги признае регионите како независни, тврдејќи дека тоа практично ќе го урне мировниот договор од 2015 година, но Путин денеска рече дека украинските власти не покажале апетит за спроведување на договорот.

Инаку, сепаратистичките лидери во Луганск и Доњецк на 18 февруари најавија масовна евакуација во Русија. Тие подоцна издадоа наредба за општа мобилизација на мажи на возраст од 18 до 45 години и им забранија на мажите на таа возраст да ги напуштат териториите.

Без да обезбедат докази, сепаратистичките лидери тврдат дека украинските владини сили наскоро ќе започнат голема офанзива.

Киев ги негира ваквите планови, а западните власти ја обвинуваат Москва и сепаратистите дека прават изговори за нова руска инвазија на Украина.

Судирот меѓу проруските сепаратисти и украинските сили избувна во 2014 година, а досега загинаа повеќе од 14.000 луѓе.