Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили започна нов штрајк со глад во знак на протест поради одбивањето на владата да обезбеди соодветна здравствена заштита за него, но и како што вели, поради „начинот на кој властите се однесуваат кон мене и нашиот народ“.
Саакашвили ја објави својата одлука пред судот за време на денешното судење под обвинение за насилно растерување на антивладин митинг во ноември 2007 година. Притоа побара соодветна медицинска помош осврнувајќи се на барањата за ваква помош од страна на Конзилиум на омбудсманката и здружението Емпатија (Центар за рехабилитација на жртви на тортура) со седиште во Тбилиси.
Саакашвили, кој лани имаше 50-дневен штрајк со глад додека беше во притвор, прочита на глас писмо кое е наводно напишано од холандски лекар каде се предупредува дека уште еден штрајк со глад ќе предизвика неповратна штета на телото на Саакашвили, што може да доведе до смрт.
Саакашвили, кој беше претседател од 2004 до 2013 година, исто така е обвинет за проневера и илегално преминување на границата со Грузија. Тој ги отфрли обвиненијата нарекувајќи ги политички мотивирани.
Саакашвили (54) е во притвор од 1 октомври, кога беше приведен веднаш по враќањето во Грузија од самонаметнатиот егзил. Тој отслужува шестгодишна затворска казна откако беше осуден во отсуство за злоупотреба на службената положба.
Тој тврди дека е невин во случајот за кој вели дека е и политички мотивиран.