ЕУ и соопшти на Украина дека не е подготвена да воведе санкции за Русија

Илустрација

Европската унија и соопшти на Украина дека во овој момент не е подготвена да воведе санкции кон Москва, а воедно ги поддржа и плановите за финансиска помош на земјата која се бори со заканата од напад од Русија.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел на маргините на самитот на министрите за надворешни работи на блокот изјави дека ќе свика вонреден состанок на ЕУ за воведување санкции само „кога ќе дојде моментот“.

Со таквата одлука беа отфрлени повиците на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба за Западот веднаш да преземе чекори против Москва за кои тој рече дека ќе помогнат да се избегне војна, наместо да се чека можна руска инвазија.

Западните земји соопштија дека очекуваат Русија во секој момент да ја нападне Украина по масовното рапсоредување војници долж нивната граница. Москва негира дека планира напад, но американските власти рекоа дека веруваат дека земјата сака да создаде изговор за инвазија.

„Очекуваме одлуки. Ние веруваме дека постојат добри и легитимни причини да се воведат барем некои од санкциите сега за да се покаже дека Европската унија не само што зборува за санкциите, туку и презема чекор“ рече Кулеба во Брисел пред да им се обрати на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Меѓутоа, Борел рече дека засега министрите на ЕУ ја поддржуваат дипломатската рута, вклучително и потезите на Франција да посредува на состанокот на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.

„Состаноци на самити, на ниво на лидери, на ниво на министри, без разлика на форматот, каков било начин на разговор и седење на маса и обид да се избегне војна, се многу потребни“, рече Борел.

Министрите на ЕУ ги поддржаа плановите објавени во јануари за финансиска помош од 1,36 милијарди долари за Украина.

САД и Русија соопштија дека самитот на двајцата лидери е договорен „во принцип“, но Вашингтон рече дека тој ќе се одржи само доколку Русија не ја нападне Украина. Москва, во меѓувреме, рече дека ништо „конкретно“ не е направено во врска со состанокот.

Русија во моментов има повеќе од 150.000 борбено подготвени војници околу Украина. Кремљ се обидува да ја спречи Украина еден ден да му се приклучи на НАТО и сака цврсто да ја повлече земјата назад во својата сфера на влијание. Русија постојано негира дека има намера да ја нападне Украина и тврди дека почнала да повлекува некои сили. Соединетите држави и НАТО рекоа дека не гледаат знаци за делумно повлекување.