Османи: Преку сеопфатен документ ќе се решаваат прашањата со Бугарија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на брифингот со новинари оцени дека овој период во разговорите со Бугарија е посензитивен и дијалогот ќе продолжи на ниво на експерти и политички групи. Тој вели дека целта е ова прашање да биде затворено еднаш засекогаш преку сеопфатен документ којшто би бил протокол или декларација, каде ќе се ставаат сите документи важни за сите страни.

„Португалскиот предлог останува се уште важечкото решение по кое што се разговара. Ние сакаме да го затвориме ова прашање еднаш засекогаш и да не ни се отвора повторно. Ниту сакаме ова прашање да го решаваме во парчиња, туку да имаме еден сеопфатен документ што би бил протокол или декларација, каде ќе се ставаат сите документи важни за сите страни и со кои ќе се заокружи ова прашање. Тоа ни гарантира нам дека нема да има отворање нови прашања или пак ќе има асиметрично исполнување од едната или од другата страна“, дециден е Османи.

Министерот појасни дека согласно Договорот од 2017 постои инструмент Меѓувладина комисија која секоја година потпишува протокол за имплементација на договорот.

Во одговор на прашањето дали дел од билатералните теми за кои сега се преговара меѓу Скопје и Софија, би станале дел од преговарачката рамка, Османи рече дека за тоа прво одлучува ЕУ бидејќи земјите-членки треба да ја прифатат преговарачката рамка. Според Османи, нашиот принцип во овие преговори е дека ништо не е договорено, додека се не е договорено.

„Така да сите овие кажувања во овој период се перцепции од ставовите на едната и на другата страна. Меѓутоа, се додека не се договори се, и не се стави на хартија се, и на тоа се обврзат двете страни по однос на сите тие аспекти и за тоа има одредена меѓународна гаранција, не би кажал што во овој период имаме договорено, но да, имаме ставови по однос на прашања што сме ги кажале на бугарската страна што би можело да биоде прифатливо, а за што не може да се разговара и да биде прифатливо“, појасни Османи.

Премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Кирил Петков во петокот остварија средба во Минхен, на маргините на Минхенската безбедносна конференција, при што изразија задоволство од досегашниот напредок на билатералната соработка и најавија нејзино интезивирање.