Петков: Со Ковачевски нема да подлегнеме на провокации

Бугарскиот премиер Кирил Петков и македонскиот премиер Димитар Ковачевски

Бугарскиот премиер Кирил Петков на својот Фејсбук профил објави дека никој, нема да ги спречи него и македонскиот премиер Димитар Ковачевски, како што наведува, да напредуваат во односите меѓу Софија и Скопје.

Според Петков, двете земји треба активно да го промовираат развојот на заеднички компании, кои заедно ќе создаваат голема додадена вредност, да имаат растечки економии, заеднички детски кампови, заеднички концерти, да имаат заеднички образовни програми, да нема граница меѓу нив, да нема дискриминација, да нема говор на омраза, да се градат автопати и да има модерни железнички линии.

За многумина, како што посочува Петков, таквите зборови звучат како сон, други организираат провокации за тоа да не се случи, а трети не сакаат стабилност на Балканот.

„Јас и Димитар веруваме дека тоа е можно, и нема да подлегнеме на провокации, туку ќе работиме упорно и заедно да го постигнеме тоа. А на сите злонамерни страни можам само да им порачам „нема да не спречите!“, објави Петков.

Ковачевски денеска изјави дека разговорите со Софија се водат во духот на европските вредности и врз основа на задржување на дигнитетот на граѓаните на двете држави.

„Во Собранието веќе имаме донесено Резулуција врз основа на која ги имаме поставено нашите преговарачки позиции во овој процес. За се она што се случува во рамки на преговорите министерот Османи веќе информираше на целодневна расправа на Комисијата за надворешна политика во Собранието, а после секоја средба што ја има со своите бугарски колеги тој тоа исто така го прави и пред граѓаните. Исто така и јас и премиерот Петков во своите настапи по нашите средби ги објавуваме сите детали за кои се разговара и можам да ве уверам дека се она за што се разговара е во духот на Резолуцијата што е донесена во нашето Собрание и во духот на европските вредности. Се разбира, во целиот тој процес е вклучена и Европската комисија бидејќи на крајот на денот преговарачката рамка треба да биде одобрена од сите земји членки на ЕУ и врз основа на тоа Македонија да го добие датумот за почнување на првата меѓувладина конференција“, рече Ковачевски.

Согласно новиот пристап во разговорите со Бугарија, утврден на заедничката меѓувладина седница што се одржа на крајот на јануари во Софија, двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Историските прашања ги разгледува веќе постоечката Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Разговорите за политичкиот пакет прашања се разгледуваат на експертско ниво, меѓу двете министерства за надворешни работи.