Соединетите држави ги информираа Обединетите нации дека имаат „веродостојни информации“ за наводните планови на Русија да таргетира одредени Украинци за убивање или испраќање во кампови доколку одлучи да ја нападне земјата, се вели во писмото во кое увид имале повеќе новински агенции. Батшеба Нел Крокер, амбасадорот на САД во ОН во Женева, на 20 февруари во писмо до високиот комесар на ОН за човекови права ги наведе деталите за „вознемирувачките информации“ што ги имало американското разузнавање. Писмото го виделе АФП, Ројтерс и новинските агенции ДПА.
Совет за надворешни работи на ЕУ за Русија и БиХ
„Ние сме длабоко загрижени поради континуираното кршење на човековите права од страна на Русија во деловите на Украина што веќе ги има окупирано и ги имаме сите причини да веруваме дека таа загриженост ќе се намножи по нова воена офанзива“, се вели во писмото. Крокер во писмото тврди дека Кремљ планира насочени убиства, киднапирања, притворања и мачења против оние кои се противат на руските акции во Украина. Исто така, цел, според писмото, ќе бидат руски и белоруски дисиденти во егзил во Украина, новинари и други активисти.
Зеленски бара итни разговори за смирување во Украина
„Конкретно, имаме веродостојни информации што укажуваат на тоа дека руските сили создаваат списоци на идентификувани Украинци кои треба да бидат убиени или испратени во кампови по воената окупација“, се наведува во писмото. Во писмото на САД не се откриени изворите на информациите. Американските и другите западни претставници ја обвинија Русија дека планира да ја нападне Украина. Москва негира какви било такви планови и покрај масовното собирање на околу 150.000 војници во близина на границата.