Министерството за надворешни работи на Косово смета дека официјална Москва, со пропагандата за наводно учество на лица од Косово и Албанија на страната на Украина во конфликтот со Русија, има за цел да предизвика тензии и во Косово и во целиот регион на Западен Балкан. Во реакцијата по наводите на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров и на државната руска агенција ТАСС, дека Косово и Албанија испратиле платеници во Украина и дека „Косово и делови од Западен Балкан се претвораат во терен на криминалот“, официјална Приштина оцени дека Москва сака да го дестабилизира регионот „преку рускиот сателит на Балканот, Србија“.
Ховениер: САД и Косово го поддржуваат суверенитетот на Украина
„Оваа дива руска кампања против Косово и другите земји на Западен Балкан, меѓу другото, има за цел да предизвика тензии во Косово и пошироко во регионот преку рускиот сателит на Балканот, Србија. МНР ја изразува целосната солидарност на народот на Косово со народот на Украина за неговото право на слободен и суверен живот во сопствената држава“, се вели во соопштението на косовското МНР. Изјавите на Лавров и написите на ТАСС, косовското МНР ги смета за дел од руската пропаганда чија цел е „да го одвлече вниманието на сиот демократски свет од кошмарот што го предизвикува руската политика на хегемонизам и диктат врз правото на народите на слободен и суверен живот“.
Србија го обновува купувањето оружје од Русија
Повикувајќи на смирување на тензиите и избегнување на конфликтот, кој „може да предизвика несогледливи последици“, официјална Приштина порача дека „Република Косово се приклучува на демократскиот свет во осудата на руската хегемонистичка и експанзионистичка политика на штета на суверената и независна држава Украина“.