Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска предупреди дека сегашните случувања изгледаат како Русија да е „на работ“ да ја нападне Украина и дека продолжувањето на заедничките руско-белоруски воени вежби ја зголемуваат загриженоста.
Тој исто така рече дека американскиот претседател Џо Бајден е подготвен да се сретне во секое време и во кој било формат со рускиот претседател Владимир Путин.
Бајден пред два дена рече дека е убеден оти Путин веќе одлучил да ја нападне Украина. Блинкен денеска рече дека Вашингтон ќе стори сé што може за да го одврати Путин и да го убеди да ја повлече својата одлука.
Зборувајќи за Си-Ен-Ен, Блинкен рече дека САД и нивните сојузници подготвиле „огромен пакет“ санкции против Русија доколку таа изврши инвазија.
Западни функционери предупредуваат дека Русија распоредила повеќе од 150 илјади војници во близина на украинската граница, уште 30 илјади се распоредени во Белорусија, а има и илјадници сепаратисти поддржани од Русија во Украина.
Белорускиот министер за одбрана Виктар Хренин објави дека Русија и Белорусија ги продолжуваат заедничките воени вежби кои требаше да завршат денеска. Одлуката е донесена во врска со засилувањето на воената активност во близина на надворешните граници на Русија и Белорусија и поради зголемената тензија во источна Украина, рече тој.
Блинкен денеска рече дека воведувањето санкции против Русија сега, како што побара викендов украинскиот претседател Володимир Зеленски, ќе ја намали нивната ефикасност.
Британскиот премиер Борис Џонсон претходно предупреди дека САД и Велика Британија ќе се обидат да им го отсечат пристапот на руските компании до американскиот долар и до британската фунта ако Русија ја нападне Украина.
Блинкен рече дека сепак планира да се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров следната недела, освен ако Русија не изврши инвазија пред тоа.