Иранските пратеници бараат гаранции дека САД и европските земји нема да излезат од договорот

Пратеници во Иранскиот парламент

Иранските пратеници го повикаа претседателот Ебрахим Раиси да обезбеди гаранции дека САД и трите европски земји дека нема да излезат од нуклеарниот договор за кој повторно се преговара во Виена, објавија денеска иранските државни медиуми.

Во писмото до Раиси, тие наведуваат дека САД и европските учеснички во договорот – Велика Британија, Франција и Германија, треба исто така да гарантираат дека нема да го активираат „механизмот на враќање“ според кој санкциите против Иран веднаш ќе бидат вратени ако ја прекрши нуклеарната усогласеност.

„Мора да извлечеме поука од минатите искуства и да ставиме црвена линија кај националните интереси со тоа што нема да се обврземе на каков било договор без претходно да ги добиеме потребните гаранции“, се наведува во писмото, кое е потпишано од 250 од 290 пратеници.

Преговарачите од Иран и шесте светски сили – САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, работат на заживување на договорот од 2015 година, кој предвидува ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите.

САД индиректно учествуваат во разговорите поради тоа што се повлекоа од договорот за време на претседателот Доналд Трамп во 2018 година. Претседателот Џо Бајден навести дека сака да се врати во договорот.

Иранските пратеници исто така поставуваат услов враќањето во договорот да се оствари само ако се укинат сите санкции против Иран.