Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска повика на „режим на молк“ и „интензивирање“ на мировните напори, додека францускиот претседател оствари итни телефонски разговори со лидерите на Украина и на Русија поради стравувањата од непосредна руска инвазија врз Украина.
Зеленски, исто така, рече дека Киев закажал „итна“ средба на таканаречената Трилатерална контакт група (ТЦГ) која беше формирана за да бара дипломатско решение по почетокот на конфликтот меѓу украинските сили и сепаратистите поддржани од Русија во источна Украина во 2014 година.
Западните лидери велат дека Русија, која распореди десетици илјади војници во близина на границите со Украина, вклучително и во соседна Белорусија, сега планира целосен напад. Москва вели дека нема планови за инвазија.
„Ние се залагаме за интензивирање на мировниот процес“, напиша Зеленски на Твитер.
„Поддржуваме итно свикување на ТЦГ и итно воведување режим на молк“, напиша тој.
Пораката на Зеленски уследи по неговиот втор разговор со францускиот претседател Емануел Макрон во неколку дена.
Макрон претходно телефонски разговараше и со рускиот претседател Владимир Путин во, како што Елисејската Палата ги нарече, „последните можни и неопходни напори за да се избегне голем конфликт во Украина“.
„Францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот лидер Владимир Путин денеска се договорија да работат на прекин на огнот во источна Украина“, соопшти кабинетот на Макрон, јави агенцијата Франс прес.
Од Кабинетот на Макрон наведуваат дека двајцата лидери зборувале 105 минути и се согласиле за „потребата да се фаворизира дипломатско решение за тековната криза и да се направи сè за да се постигне тоа“, соопшти Елисејската Палата, додавајќи дека министрите за надворешни работи на двете земји ќе се сретнат во наредните денови.
Трилатералната контакт група ја сочинуваат Украина, Русија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Ноќеска беа пријавени повеќе бомбардирања во близина на таканаречената „линија на контакт“ меѓу украинската војска и сепаратистите поддржани од Москва во источна Украина.
Блинкен - Изгледа како Русија да е на работ да ја нападне Украина
Во меѓувреме американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска предупреди дека сегашните случувања изгледаат како Русија да е „на работ“ да ја нападне Украина и дека продолжувањето на заедничките руско-белоруски воени вежби ја зголемува загриженоста.
Тој исто така рече дека американскиот претседател Џо Бајден е подготвен во секое време и во секој формат да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
ОБСЕ - „Драматично зголемување“ на прекршувањата на примирјето
Набљудувачката мисија на ОБСЕ вчера објави „драматично зголемување“ на прекршувањата на примирјето.
Украина соопшти дека двајца нејзини војници загинале во еден напад, но Зеленски вети дека украинските трупи ќе се воздржат да одговорат на провокациите.
Во меѓувреме Русија и Белорусија ги продолжија заедничките воени вежби кои требаше да завршат денеска, соопшти белорускиот министер за одбрана Виктор Кренин. Ова е потег што дополнително го засилува притисокот врз Украина, додека Западот предупредува од непосреден руски напад.
Кренин во соопштението вели дека одлуката е донесена „во врска со засилувањето на воената активност во близина на надворешните граници“ на Русија и Белорусија и поради растечките тензии во источна Украина.
НАТО соопшти дека Русија има околу 30 илјади војници во Белорусија и би можела да ги искористи како дел од инвазиските сили за напад на Украина, но Москва негира дека има таква намера.
Рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот лидер Александар Лукашенко вчера, од контролната соба во Кремљ, ги следеа вежбите на руските нуклеарни сили, во кои беа вклучени и нивните најнови хиперсонични и крстаречки ракети.
Вежбите следуваат по маневрите на руската војска во изминатите месеци во кои распореди околу 150 илјади војници во близина на границите со Украина.
Денеска британскиот премиер Борис Џонсон предупреди дека САД и Велика Британија ќе се обидат да им го отсечат пристапот на руските компании до американскиот долар и до британската фунта ако Русија ја нападне Украина.
„Планот што го имаме е за нешто што би можело да биде навистина најголемата војна во Европа од 1945 само во однос на огромниот обем“, рече Џонсон за Би-би-си.
Тој посочи дека во случај на инвазија, Западот ќе воведе уште пожестоки санкции против Русија од што беа најавувани претходно.
Џонсон рече дека Британија и САД ќе ги спречат руските компании да „тргуваат во фунти и долари“, потег кој, како што вели, ќе ги „погоди многу, многу силно“ со своето влијание.
Русија е еден од светските водечки извозници на нафта, гас и метали, чија цена во голема мера се изразува во американски долари. Затоа, укинувањето на пристапот до доларските пазари за руските компании може да има огромно влијание.
Претходните санкции предложени од британските министри вклучуваат проширување на опсегот на руски граѓани и бизниси кои Обединетото Кралство би можело да ги таргетира.
Џонсон рече дека неговата влада ќе таргетира руски банки и руски компании. Британија не наведе кој би можело да се најде под санкции, но најави дека руските олигарси нема да има каде да се скријат.
Од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, стотици милијарди долари се прелеаја во Лондон и во британските прекуморски територии. Лондон стана западен град на избор за супербогатите од Русија од другите поранешни советски републики.