Русија и Белорусија ги продолжија заедничките воени вежби кои требаше да завршат денеска, соопшти белорускиот министер за одбрана Виктор Кренин. Ова е потег што дополнително го засилува притисокот врз Украина, додека Западот предупредува од непосреден руски напад.
Кренин во соопштението вели дека одлуката е донесена „во врска со засилувањето на воената активност во близина на надворешните граници“ на Русија и Белорусија и поради растечките тензии во источна Украина.
НАТО соопшти дека Русија има околу 30 илјади војници во Белорусија и би можела да ги искористи како дел од инвазиските сили за напад на Украина, но Москва негира дека има таква намера.
Рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот лидер Александар Лукашенко вчера, од контролната соба во Кремљ, ги следеа вежбите на руските нуклеарни сили, во кои беа вклучени и нивните најнови хиперсонични и крстаречки ракети.
Вежбите следуваат по маневрите на руската војска во изминатите месеци во кои распореди околу 150 илјади војници во близина на границите со Украина.