Џонсон - Западот може да им го укине пристапот до американски долар на руските компании

Британскиот премиер Борис Џонсон.

САД и Велика Британија ќе се обидат да им го отсечат пристапот на руските компании до американскиот долар и до британската фунта ако Русија ја нападне Украина, предупреди денеска британскиот премиер Борис Џонсон.

„Планот што го имаме е за нешто што би можело да биде навистина најголемата војна во Европа од 1945 само во однос на огромниот обем“, рече Џонсон за Би-би-си.

Тој посочи дека во случај на инвазија, Западот ќе воведе уште пожестоки санкции против Русија од што беа најавувани претходно.

Џонсон рече дека Британија и САД ќе ги спречат руските компании да „тргуваат во фунти и долари“, потег кој, како што вели, ќе ги „погоди многу, многу силно“ со своето влијание.

Русија е еден од светските водечки извозници на нафта, гас и метали, чија цена во голема мера се изразува во американски долари. Затоа, укинувањето на пристапот до доларските пазари за руските компании може да има огромно влијание.

Претходните санкции предложени од британските министри вклучуваат проширување на опсегот на руски граѓани и бизниси кои Обединетото Кралство би можело да ги таргетира.

Џонсон рече дека неговата влада ќе таргетира руски банки и руски компании. Британија не наведе кој би можело да се најде под санкции, но најави дека руските олигарси нема да има каде да се скријат.

Од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, стотици милијарди долари се прелеаја во Лондон и во британските прекуморски територии. Лондон стана западен град на избор за супербогатите од Русија од другите поранешни советски републики.

Западните лидери во изминатите недели предупредуваат дека Русија, која распореди над 150 илјади војници во близина на границата со Украина, можеби се подготвува за напад во секое време. Москва ги негира овие обвинувања, тврдејќи дека спроведува воени вежби во регионот.