Високи украински претставници, меѓу кои и министерот за внатрешни работи Денис Монастирски, се најдоа под ракетен напад за време на обиколката на фронтот со проруските сепаратисти во источна Украина.
Претставниците побегнале во скривница, пред да ја напуштат областа. Новинар од украинската редакција на Радио Слободна Европа, кој беше со украинските претставници кога се случил нападот, јави дека гранати паднале на 300 метри од локацијата што ја посетиле украинските претставници и новинарите.
Претходно, сепаратистичките лидери во источна Украина, поддржани од Русија, наредија целосна воена мобилизација во време на зголемено стравување од инвазија.
Денис Пушилин и Леонид Пасечник, де факто лидерите на регионите Доњецк и Луганск, окупирани од сепаратистите, денеска објавија посебни изјави во кои најавија целосна мобилизација на војската и ги повикаа резервистите да се појават во воените канцеларии. Мажите на возраст од 18 до 55 години веќе не смеат да ја напуштат областа.
Овој чекор доаѓа во време на пораст на насилствата долж линијата на контакт меѓу украинските сили и сепаратистите во регионот во изминатите денови, што ги поттикна западните стравувања дека Москва може да ги искористи како изговор за напад врз Украина.
Украинската војска соопшти дека во гранатирањата денеска загинале двајца украински војници во делот од регионот на Доњецк кој е под владина контрола, и оти сепаратистите поставуваат артилерија во станбените области во обид да испровоцираат одговор.
Во изминатите 24 часа во источна Украина имаше скоро 600 прекршувања на примирјето, вклучувајќи 300 експлозии, соопшти вчера набљудувачкиот тим на ОБСЕ.