Германскиот канцелар Олаф Шолц го повика Иран да не ги расипува тековните разговори насочени кон спасување на договорот за нуклеарната програма постигнат во 2015 година.
„Иранското раководство сега има избор: сега е моментот на вистината“, рече денеска Шолц во обраќањето на Минхенската безбедносна конференција.
Тој вели дека по десетмесечните разговори во Виена, сега сите елементи за завршување на преговорите се на маса.
Сепак, тој предупреди дека за светските сили е „неприфатливо“ ако Иран продолжи да збогатува гориво додека одбива мониторингот од нуклеарната агенција на ОН.
„Сега имаме шанса да постигнеме договор кој ќе овозможи укинување на санкциите“, рече Шолц, но предупреди дека ако тоа не се направи брзо, се ризикува преговорите да пропаднат.
Германија, Франција и Британија заедно со Русија и Кина со месеци посредуваат меѓу Иран и САД.
Пред да се постигне договорот во 2015 Иран беше цел на сè построги санкции од Обединетите нации, како и од САД и од други земји, поради нуклеарните активности. По потпишувањето на договорот Техеран требаше да ги ограничи своите активности во замена за олеснување на санкциите.
Но во 2018, тогашниот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договореното и повторно воведе строги санкции што ги погоди иранската економија и валута, а Иран за возврат почна да прекршува делови од договорот.
Западни дипломати претходно оваа недела рекоа дека разговорите за заживување на договорот се во завршна фаза и дека веруваат оти договорот е на дофат.
На 17 февруари, врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, рече дека на Техеран му е потребна нуклеарна енергија, а не оружје.