Ковид мерки по резултатите од серолошката анализа

Скриниг тестирање на анти тела на Ковид-19 на улица Макеоднија во Скопје.

Носењето на нови препораки и мерки за ковид ќе следуваат по серолошкиот скрининг кој ќе овозможи да се добие јасна слика за општата состојба на населението, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали. Тој вели дека се намалува пикот на четвртиот бран и дека епидемиолошката состојба благо се подобрува.

Министерот Сали и заменик министерот Владимир Рендевски денеска ги посетија здравствените тимови на пунктот за серолошки скрининг во Битола, а се сретнаа и со граѓани.

„Ние посакуваме позитивни резултати од оваа анализа за да потоа ги намалиме мерките односно да бидеме послободни за функционирање. Ако добиеме позитивни резултати според кои ќе има над 70 отсто од вкупната имунизација во државата, тогаш ќе почнеме со олабавување и олеснување на мерките“, рече министерот.

Според планот на Министерството за здравство, предвидено е да се направат околу 3.000 анализи, од кои 1.000 во Скопје каде е во тек собирањето на материјалот, а останатиот серолошки скрининг ќе се реализира во други градови.