МНР ќе ги проверува сите именувања на амбасадори од 2006 година

Во Министерството за надворешни работи(МНР) формирана е работна група, која ќе ги проверува сите именувања и упатувања на амбасадори и генерални конзули од 2006 година до денес и ќе подготви компаративна анализа, соопштуваат од Министерството.

Целта на анализата, како што посочија од Министерството, е да се проверат сите детали и околности под кои се упатувани амбасадори и конзули, како и квалитетот на кандидатите кои како први лица во Дипломатско-конзуларните претставништва. ДКП-ата ја претставуваат земјата во странство. По завршувањето на анализата, таа ќе се презентира пред јавноста.

Министерството за надворешни работи во врска со последните изјави на претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, за именувањата и упатувањата на дипломати на највисоките позиции во амбасадите и конзулатите на земјава, укажува дека во изминатава година на мандат се упатени 20 предводници на странските преставништва, од кои 16 се професионални дипломати од Министерството, што претставува 80 отсто од упатените.

„Професионализацијата на дипломатијата останува еден од врвните приоритети на Министерството за надворешни работи и во периодот што претстои, за што се покренати повеќе иницијативи за кои јавноста е веќе запознаена, меѓу кои и нов предлог закон за МНР со кој процентот на обврска за упатување дипломати од кариера ќе се зголеми од сегашните најмалку 33 на 75 проценти, соопштија од МНР.

Вчера Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски побара министерот за надворешна политика Бујар Османи да ја презентира целосната писмена документација во врска со именувањето на актуелните генерални конзули, а во насока на расчистување на случајот со наводното именување на конзули во САД.

Барањето на Милошоски уследи откако деновиве во медиумите се појавија информации дека со владината одлука за конзул во Њу Џерси е назначена ТВ-презентерката Бесмира Ејупи, а Петрит Муслиу за генерален конзул во Чикаго.
МНР реагираше дека се работи за дезинформација.