Сепаратистичките лидери во источна Украина, поддржани од Русија, наредија целосна воена мобилизација поради зголемените стравови од воена инвазија. Денис Пушилин и Леонид Пасечник, де факто лидерите на регионите Доњецк и Луганск, окупирани од сепаратистите, денеска објавија посебни изјави во кои најавија целосна мобилизација на војската и ги повикаа резервистите да се појават во воените канцеларии. Мажите на возраст од 18 до 55 години веќе не смеат да ја напуштат областа.
Овој чекор доаѓа во време на пораст на насилствата долж линијата на контакт меѓу украинските сили и сепаратистите во регионот во изминатите денови, што ги поттикна западните стравувања дека Москва може да ги искористи како изговор за напад врз Украина.
Во изминатите 24 часа во источна Украина имаше скоро 600 прекршувања на примирјето, вклучувајќи 300 експлозии, соопшти вчера набљудувачкиот тим на ОБСЕ.
Повеќе експлозии утринава можеа да се слушнат во северниот дел на градот Доњецк, но нивното потекло засега не е јасно. Претходно, Украинската армија објавија дека загинал војник, за првпат по неколку недели, и ги обвини бунтовниците за жестоко засилување на нападите.
Двете страни меѓусебно се обвинуваат за нападите. Бунтовниците од Доњецк велат дека десетици гранати биле истрелани кон нивната територија, додека Украинската армија ги обвини бунтовниците за прекршувањата на примирјето.
Руските новински агенции објавија дека 10 илјади евакуирани од источна Украина утринава пристигнале во Русија.
Сепаратистите ги објавија плановите за евакуација на 700 илјади луѓе во југоисточна Русија, наведувајќи дека постои страв од непосреден напад од украинските сили. Киев категорично ги негира овие наводи.
Бунтовничките лидери рекоа дека жените, децата и старците ќе бидат први што ќе заминат за Русија, која се согласила да ги прими луѓето.
Рускиот сервис на Радио Слободна Европа откри дека изјавите на сепаратистичките лидери со кои се повикува на „итна“ евакуација, всушност биле снимени на 16 февруари.
Во видео снимките, тие велат дека причина за евакуацијата се зголемувањето на бројот на украински сили и оружје долж линијата на контакт.
Русија им даде пасоши на десетици илјади граѓани во источна Украина, а Западот го критикуваше тој потег. Русија може да се обиде да ја оправда инвазијата со изговор дека ги штити своите „граѓани“ во источна Украина, рекоа западни претставници.
Русија негира дека планира да ја нападне Украина и ги обвини САД за „хистерија“.
Кремљ распореди над 150 илјади војници во близина на границата со Украина, обидувајќи се да го принуди Западот да се согласи на списокот безбедносни барања кои вклучуваат и забрана за членство на Украина во НАТО.
Западот ги отфрли главните руски барања да стави крај на ширењето на Алијансата, велејќи дека суверените држави имаат право да избираат свои сојузи.
Сепак, САД и Европа соопштија дека се подготвени да преговараат за другите барања на Русија, вклучително и за ограничувањата за распоредување проектили и воени вежби.