Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја повика Русија „да престане да се подготвува за војна“ и да бара дипломатско решение за кризата што ја создаде на границата со Украина.
Столтенберг денеска имаше обраќање на конференцијата за безбедност во Минхен. Неговите коментари доаѓаат на еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден рече дека е „убеден“ дека рускиот претседател Владимир Путин донел одлука за инвазија.
Столтенберг на безбедносната конференција рече дека испратил писмо до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да се вклучи во дијалог во рамките на Советот НАТО-Русија за да се избегне конфликт во Украина.
Тој, исто така, рече дека нема знаци за повлекување на Русија од границите на Украина и дека ризикот од конфликт е реален.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Минхенската конференција рече дека Русија ризикува да го отфрли идниот просперитет ако ја нападне Украина. Таа вети дека ќе има „голем пакет“ финансиски и економски санкции против Москва во случај на каква било агресија.
Таа, исто така, рече дека ЕУ сега е целосно подготвена во случај на запирање на испораките на руски гас.
Фон дер Лајен го обвини рускиот енергетски гигант Газпром дека намерно се обидува да складира и испорача што е можно помалку гас додека цените и побарувачката вртоглаво растат.
Во ЕУ со недели се стравува дека сегашниот конфликт со Русија може да доведе до прекин на испораката на гас.
На конференцијата во Минхен денеска ќе учествува и украинкиот претседател Володимир Зеленски, потврдија од неговиот Кабинет, но дека ќе се врати во Киев истиот ден.