Украинскиот претседател Володимир Зеленски го потврди присуството на безбедносната конференција во Минхен и покрај стравувањата од руска инвазија на неговата земја.
Од Кабинетот на Зеленски потврдија дека тој ќе присуствува на Минхенската безбедносна конференција на 19 февруари и дека ќе се врати дома подоцна истиот ден.
Планираното појавување на Зеленски на конференцијата беше под знак прашалник, бидејќи неговата земја се соочува со зголемени тензии со Кремљ во услови во кои Русија распоредува војници на границата со Украина.
Но, од Кабинетот на Зеленски инсистираат на тоа дека ситуацијата на истокот на Украина „останува под целосна контрола“.
Белата куќа на 18 февруари соопшти дека на Зеленски е да одлучи дали ќе ја напушти Украина за да присуствува на безбедносната конференција во германскиот град.
„Без разлика каква одлука ќе донесе, тој ќе ја има поддршката од Соединетите Држави“, изјави за новинарите портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.
Претседателот Џо Бајден на прес-конференцијата во Белата куќа ги повтори овие коментари, велејќи дека тоа е одлука на украинскиот лидер дали да оди или не.
Безбедносната конференција во Минхен започна на 18 февруари. На конференцијата учествуваат светски лидери, креатори на политики и безбедносни експерти кои треба да се фокусираат на ескалацијата на кризата поттикната од стравувањата дека Русија се подготвува да ја нападне Украина.
На конференцијата учествуваат американската потпретседателката Камала Харис, германскиот канцелар Олаф Шолц, државниот секретар на САД Антони Блинкен и други лидери и високи функционери.
Предвидено е Харис да се сретне со Зеленски на маргините на настанот на 19 февруари.