Ќе се менува методологијата за усогласување на пензиите

илустрација, пензионери

Методологијата за усогласување на пензиите ќе се менува со цел да се изнајде модел кој ќе овозможи одржливо решение на долг рок, договорија здруженијата на пензионери и Владата на денешната средба. Следната средба е закажана за почетокот на март, а дотогаш Владата ќе ги направи потребните симулации за предлозите на пензионерите.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи очекува решение да се најде максимум до 10 март. Нагласи дека пензискиот фонд е стабилен и оти има зголемени приходи минатата година, а тенденцијата е тој тренд да продолжи.

„Тоа осигурува дека ние може да одговориме позитивно на зголемување на пензиите. Само во јануари имаме усоглсување на пензиите од три проценти. На просечна пензија тоа е околу 478 денари во апсолутен износ. Ако останеме на истиот модел, пензионерите ќе добијат најмалку уште 500 денари во јули, но ние зборуваме за нов модел на усогласување кој ќе понуди повеќе од тоа“, изјави Битиќи.

Моделот којшто го предложиле од пензионерските здруженија е тој да биде заснован на промена на животниот стандард и промена на просечните плати. Според министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, треба да се создаде систем кој ќе овозможи сигурност за пензионерите.

Бенефит од зголемувањето на пензиите треба да имаат 328 илјади пензионери. Пензионерите се задоволни од исходот на денешниот состанок и се надеваат на решение кое ќе биде прифатливо за сите страни.