Скрининг во училиштата- околу 5000 родители дале согласност за тестирање

Ученици од основно училиште во Скопје на настава во услови на пандемија со ковид-19

Министерството за здравство соопшти дека почнал скринингот во училиштата. Завршена е првата фаза за добивање и обработка на согласностите од родителите. Според министерството голем е интересот за учество во скринингот и досега се добиени околу 5.000 согласности од родители на деца во основните училишта во Скопје.

„Врз основа на добиените согласности, направен е план и распоред за реализација на скринингот на терен и тој веќе се врши во неколку основни училишта во Скопје. Скринигот продолжува во понеделник. Во рамки на првата фаза ќе бидат опфатени училиштата на територија на град Скопје, а ќе бидат вклучени медицински екипи од Центарот за јавно здравје и Здравствениот дом Скопје“, информира МЗ.

Сите активности за спроведување на скринингот се одвиваат во постојана координација со Министерството за образование и наука.