Поднесено обвинение за сообраќајната несреќа кај Сити мол

Скопје- На 30 јануари под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“ се одржа мирен протест

Основното јавно обвинителство Скопје денеска информира дека до Основниот кривичен суд е поднесен обвинителен акт за сообраќајната несреќа која се случи минатиот месец во близина на скопскиот трговски центар Сити мол во која загина младата Викторија Николова. Како што се наведува во соопштението обвинителниот акт е поднесен против едно лице за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

„Обвинетиот, на 20 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувал со патничко моторно возило Цитроен Ц4 по булеварот „Партизански одреди“. Кога дошол до крстосницата со улиците „Московска“ и „Љубљанска“, каде светлосните сообраќајни знаци – семафори во тој момент биле исклучени од програм и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен, не обрнал внимание на пешаците на коловозот“, се наведува во соопштението.

Во него се прецизира и дека спротивно и на членот 35 од Законот, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, обвинетиот управувал со автомобилот со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба.

„Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Еден од пешаците, девојка на возраст од 24 години, притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница“, информира обвинителството.

Од таму додаваат дека поради тежината на кривичното дело и другите околности, јавниот обвинител оценил дека се уште постои опасност тој „да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон или да го повтори делото“, па до Основниот кривичен суд доставиле и предлог за продолжување на веќе определената мерка притвор.