Украина денеска соопшти дека забележала пораст на прекршувањата на примирјето од страна на сепаратистите поддржани од Русија на истокот на земјата, додека Соединетите Држави предупредија дека Москва подготвува провокации за да ја оправда инвазијата врз својот сосед во наредните денови. Украинската војска соопшти дека забележала 60 прекршувања во изминатите 24 часа и оти еден војник бил ранет. Војската соопшти дека сепаратистите отвориле оган врз повеќе од 10 населени места, користејќи тешка артилерија, минофрлачи и тенк.
Бајден предупреди дека заканата од руска инвазија во Украина е „многу висока“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече наглото зголемување на гранатирањето преку линијата што ги дели владините сили и сепаратистите „голема провокација“ откако, наводно, била погодена градинка, при што биле ранети двајца цивили. Украина се бори против сепаратистите на истокот од април 2014 година, во конфликт кој чинеше најмалку 13.200 животи.
Блинкен во ОН: Русија е на „пат кон војна“, но сè уште има шанса да го смени курсот
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на вчера изјави пред Советот за безбедност на ОН дека Русија „презема чекори по патот на војната“, но единствениот одговорен начин да се реши кризата околу нејзиното трупање во близина на Украина е дипломатијата. Руските сили се подготвуваат да започнат напад против Украина во „наредните денови“, предупреди високиот американски дипломат, наведувајќи дека на инвазијата најверојатно ќе ѝ претходат лажни или вистински напади и кампања за дезинформации.