Во Минхен денеска почнува 58-та Минхенска безбедносна конференција што ќе се одвива до 20 февруари. На конференцијата во Минхен, која ја започнаа западните земји во екот на Студената војна за да се справат со воените конфликти е предвидено годинава да има помалку гости и претставници на медиумите, како и помали делегации за да се осигура здравјето и безбедноста на неговите учесници и на јавноста во Минхен. Поради пандемијата на ковид-19 лани не беше одржана традиционална конференција туку серија виртуелни и видео формати од висок профил на „Патот кон Минхен“ со цел да се одржи жив дијалогот за безбедносната политика на меѓународните носители на одлуки.
Минхенска безбедносна конференција и предизвиците за Западот
На конференцијата ќе учествуваат претседателот Стево Пендаровски и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Исто така најавено е учество на американскиот државен секретар Ентони Блинкен и на американскиот потпретседател Камала Харис. Таа треба да се сретне со неколкумина светски лидери, меѓу кои и со германскиот канцелар Олаф Шолц, со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Претставници на Белата куќа велат дека одлуката на претседателот Џо Бајден да ја испрати Харис на конференцијата во Минхен поради тензиите околу Украина ја покажува неговата доверба во неа.