Од Груби до Италија Опен
МАКЕДОНИЈА - Нема никаква одлука, не е точна информацијата, Владата нема именувано генерален конзул во Њујорк, истакна вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби. Одговорот на вицепремиерот доаѓа по медиумските написи дека на затворена владина седница, било решено нов конзул во Њујорк да се испрати 28-годишната ТВ водителка Бесмира Ејупи, која во јавноста беше критикувана дека нема соодветно искуство за позицијата.
ФРАНЦИЈА / БУГАРИЈА - Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска на самитот меѓу Европската унија и Африканската унија кој се оджрува во Брисел се сретнал со претседателот на Франција Емануел Макрон, соопшти владата на Бугарија. Во соопштението се наведува дека двајцата лидери разговарале за ситуацијата меѓу Русија и Украина и се согласиле дека дипломатијата е патот што води кон деескалација на тензиите, а изразиле и поддршка на .суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
САД - Американскиот претседател Џо Бајден вели дека заканата од руска инвазија на Украина е многу висока, но вратата за дипломатско решение останува отворена дури и откако Русија го протера вториот дипломат во американската амбасада во Москва.
РУСИЈА / САД - Американскиот Стејт департментот соопшти дека Русија го протерала Барт Горман, заменик шеф на мисијата во американската амбасада во Москва. Портпаролот на амбасадата го потврди протерувањето на 17 февруари, но не даде детали зошто е преземен потегот.
ГЕРМАНИЈА - Германија ги објави плановите од 20 март да стави крај на повеќето ограничувања за коронавирусот во земјата, во првиот ден од пролетта поради падот на стапката на инфекции во земјата, што сугерира дека бранот поттикнат од омикрон варијантата го достигнал врвот.
ИРАН - Иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хаменеи, рече дека на Техеран му е потребна нуклеарна енергија, а не оружје, во услови на знаци за пробив во долготрајните преговори за заживување на историскиот нуклеарен договор со светските сили.
ИТАЛИЈА / СРБИЈА - Италијанската министерка за спорт Валентина Вецали изјави дека светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ ќе добие дозвола да учествува на Италија опен, бидејќи за настаните на отворено не мора потврда за вакцинација против Ковид-19.