Договорена македонско-бугарска соработка во образованието и културата

Скопје- министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за образование и наука на Бугарија Николај Денков

Договорена соработка меѓу Националната галерија на Северна Македонија и Државниот културен институт во Бугарија, продолжување на соработката меѓу Националната опера и балет и оперските куќи од Варна и Бургас, продолжувањето на соработката на Археолошките музеи се дел од работите што на денешната средба во Скопје ги договориле македонската министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и бугарскиот министер за образование и наука на Бугарија, Николај Денков.

Двајцата ја водат четвртата работна група за продлабочување на билатералната соработка меѓу Владите на Северна Македонија и на Бугарија во делот на културата, образованието и науката, туризмот и младите и спортот. Овој беше нивни втор состанок.

Поконретно во образованието, Костадиновска Стојчевска, рече дека било разговарано за соработка во програмата Ерезмус, за проекти од мешовити научни екипи, како и за одржување заеднички состанок на ректорите од Универзитетите од двете земји.

Министерот за образование и наука на Бугарија Денков, по средбата прецизираше дека разгледувале конкретни проекти кои сакале да ги реализираат во следните месеци.

„Искуството на Бугарија во Еразмус програмата ќе помогне на нашите пријатели и колеги да бидат поуспешни. Имаме и заеднички научни програми, во различни области каде што колективи и од двете земји прават истражувања“, изјави Денков.

Согласно новиот пристап во разговорите со Бугарија, утврден на заедничката меѓувладина седница што се одржа на крајот на јануари во Софија, двете влади формираа четири работни групи – за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Историските прашања ќе ги разгледува веќе постоечката Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Разговорите за политичкиот пакет прашања се разгледуваат на експертско ниво, меѓу двете министерства за надворешни работи.