Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска на самитот меѓу Европската унија и Африканската унија кој се оджрува во Брисел се сретнал со претседателот на Франција Емануел Макрон, соопшти владата на Бугарија. Во соопштението се наведува дека двајцата лидери разговарале за ситуацијата меѓу Русија и Украина и се согласиле дека дипломатијата е патот што води кон деескалација на тензиите, а изразиле и поддршка на .суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Друг фокус на разговорот меѓу бугарскиот премиер и францускиот претседател беше европската перспектива за Република Северна Македонија и Албанија“, се наведува во владиното соопштение без да се дадат дополнителни детали.
Франција во моментов е шестмесечен претседавач со Европската унија кој завршува на 30 јуни 2022 година. Македонската европска интеграција е блокирана од 2020 година поради инсистирањето на Софија претходно да се решат отворените прашања.
Откако разговорите поврзани со историјата, на кои инсистираше источниот сосед, не дадода резултат, сега новиот премиер Петков најави нов пристап фокусиран и на економијата, транспортот и културата, но како што нагласуваат бугарските политичари тоа не значи дека се откажуваат од историските теми.
Македонскиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ минатиот месец оцени дека напорите на Макрон за наоѓање на решение на спорот меѓу Скопје и Софија се искрени но дека тоа не значи дека „проблемите ќе ни ги реши некој друг“.