Бајден предупреди дека заканата од руска инвазија во Украина е „многу висока“

Џо Бајден, претседател на Соединетите Американски Држави

Американскиот претседател Џо Бајден вели дека заканата од руска инвазија на Украина е „многу висока“, но вратата за дипломатско решение останува отворена дури и откако Русија го протера вториот дипломат во американската амбасада во Москва.

Бајден на 17 февруари им рече на новинарите при заминувањето од Белата куќа дека го добил одговорот на Русија на американските безбедносни предлози, но не може да коментира бидејќи сè уште не го прочитал. Прашан да го процени нивото на закана, Бајден рече: „Моето чувство е дека тоа ќе се случи во следните неколку дена“.

Бајден посочи дека Русија не ги повлекла своите сили од украинската граница како што тврди Москва и дека САД имаат причина да веруваат дека Русија е вклучена во „операција со лажно знаме“ за да ја оправда инвазијата.

„Секоја индикација што ја имаме е дека тие се подготвени да одат во Украина и да ја нападнат Украина“, додаде Бајден.

Портпаролот на Амбасадата на САД го потврди протерувањето на Барт Горман, заменик-шефот на мисијата во амбасадата во Москва, но не даде детали зошто е преземен потегот. Но, Бајден рече дека дипломатското решение останува можно, поради што побара од државниот секретар Антони Блинкен да оди во Обединетите нации и да зборува денеска. Во услови на брзиот развој на тековната криза околу трупањето руските војници во близина на границата со Украина, веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи беше стопирана, изјави претставник на Министерството за Ројтерс.

Министерството соопшти дека веб-страницата била прекината цел час поради технички проблеми, јави ТАСС. Бајден зборуваше откако Украина и сепаратистите поддржани од Русија на исток разменија обвинувања за гранатирање преку линијата за прекин на огнот со претседателот Володимир Зеленски кој ги обвини сепаратистичките сили за гранатирање градинка.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по дводневниот состанок на министрите за одбрана на Алијансата во Брисел на 17 февруари, изјави дека Русите „имаат доволно војници, доволно способности да започнат целосна инвазија на Украина за многу кратко време или пак воопшто без време за предупредување.

„Тоа е она што ја прави ситуацијата толку опасна“, рече Столтенберг.

Командниот центар на украинската војска на исток соопшти дека сепаратистите истрелале тешка артилерија кон село во областа контролирана од Киев и дека „гранатите погодиле градинка“, ранувајќи двајца цивили. Зеленски рече дека гранатирањето на градинката е „голема провокација“, додека британскиот премиер Борис Џонсон наведе дека тоа била операција под „лажно знаме“.

„Една градинка беше гранатирана... знаеме дека е операција со лажно знаме дизајнирана да ги дискредитира Украинците, за да создаде изговор, лажна провокација за руска акција“, изјави Џонсон за британските медиуми.

Сепаратистичките власти во регионот Луганск, пак, тврдеа дека украинската страна гранатирала преку линијата на огнот, опишувајќи го тоа како „провокација од големи размери“. Украина се бори против сепаратистите на истокот од април 2014 година.