Нема никаква одлука, не е точна информацијата, Владата нема именувано генерален конзул во Њујорк, истакна вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби. Одговорот на вицепремиерот доаѓа по медиумските написи дека на затворена владина седница, било решено нов конзул во Њујорк да се испрати 28-годишната ТВ водителка Бесмира Ејупи, која во јавноста беше критикувана дека нема соодветно искуство за позицијата.
Во одговор на новинарското прашање за тоа дали е повлечен предлогот за генерален конзул за САД, Груби демантираше дека имало ваков предлог.
„Не, грешка ви е информацијата. Значи, имате информација од МНР, си продолжува генералниот конзул којшто е именуван, не знам ни кое е лицето да ви кажам искрено коешто си ја врши работата, и ќе си продолжи да си ја врши работата и понатаму“, рече Груби.
Претходно денеска Министерството за надворешни работи излезе со реакција во врска со објавите за испраќање конзул во Њујорк, во која велат дека Република Северна Македонија во моментов има генерален конзул во Тотова, САД, Јордан Панев.
„Би сакале да реагираме на бројните објавени нецелосни информации поврзани со испраќањето на дипломати во Дипломатско – конзуларните претставништва. Со оглед дека се работи за информации од доверлив карактер, дозволете да информираме дека Република Северна Македонија во моментов има генерален конзул во Тотова, САД, Јордан Панев“, се наведува во соопштението на МНР.
Оттаму додаваат дека Панев е на половина од својот мандат и засега не се предвидува негова предвремена замена. Мандатот на Панев истекува во јули 2023 година. Инаку, Македонија од крајот на 2016 година нема конзулат во Њујорк, туку тој е преместен во Њу Џерси каде живее голем дел од македонската дијаспора.