Соединетите Американски Држави ги добија одговорите од Москва на писмените предлози на Вашингтон дадени како одговор на безбедносните предлози на Русија.
Агенцијата Ројтерс објави дека одговорите му биле доставени на американскиот амбасадор во Русија Џон Саливан во Москва на 17 февруари. Агенциите Франс Прес и Асошиејтед Прес цитираа неименувани официјални лица кои ја потврдиле информацијата.
Во услови на трупање на десетици илјади руски војници во близина на граница со Украина, Москва побара од Соединетите држави и НАТО да се согласат на сеопфатни безбедносни барања, вклучително и забрана за зачленување на Украина во западната воена алијанса и враќање на состојбата пред проширување на НАТО во Централна и Источна Европа. Минатиот месец Вашингтон и НАТО дадоа писмени одговори на барањата на Москва.