ССНМ повикува медиумите да им платат на работниците за работа во недела

ССНМ

Медиумите во целост да ги исплаќаат додатоците за работа во недела, бара Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), откако добиле пријави и поплаки од новинари и медиумски работници од повеќе медиуми во државата дека или не им биле исплатени законски утврдените додатоци на плата за работа во недела или им биле исплатени помалку пари.

„Согласно измените на Законот за работни односи медиумските работници покрај правото на додаток на плата за работа во недела, имаат право и на користење на неделен одмор во наредните седум дена.

Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот“, се наведува во соопштението на ССНМ.

Од Синдикатот потсетуваат луѓето кои се со нетипични вработувања ( хонорарци, договор на дело) да не се ангажираат за работа во недела и на празници.

„Доколку се ангажираат нехумано и крајно неморално е да не им биде платен надоместок само затоа што немаат привилегија да бидат во постојан работен однос“, стои во соопштението на Синдикатот.

Од таму велат дека според Законот на работодавачите кои ќе ги прекршат одредбите им се забранува работа од 15 дена и им се издава прекршочен платен налог.

Ако работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена, а додека важи забраната за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените.

Законското решение за недела неработен ден стапи на сила од 01-ви јануари годинава. Со измените, 92 отсто од работниците не работат во недела.