Нацистички поздрав на бугарскиот пратеник Џамбазки во Европскиот парламент

Нацистички поздрав Ангел Џамбаски во Европскиот парламент.

Бугарскиот пратеник во Европскиот парламент Ангел Џамбазки по неговото обраќање за време на седницата ја крена десната рака во знак на нацистички поздрав, што предизвика бес на дебатата за владеењето на правото во Полска и Унгарија.

Одејќи по скалите што водат кон излезот на полукругот во салата на Европскиот парламент, Џамбазки, кој е член на десничарскиот клуб на европски конзервативци и реформисти, се сврте и неколку секунди ја подигна десната рака пред себе во знак на поздрав, покажува видео снимката од дебатата.

„Никогаш нема да ви дозволиме да ни кажувате за што да зборуваме и што да правиме. Да живеат Бугарија, Унгарија, Орбан, Фидес и Европа на националните држави“, рече пратеникот од бугарската националистичка партија ВМРО за време на неговото обраќање во парламентот.

Тој на Твитер напиша и дека е „страшната“ одлуката од 16 февруари со која Европскиот суд на правдата, Врховниот европски суд, го потврди механизмот со кој се блокира финансирањето на земјите каде што има прекршување на владеењето на правото.

На ова особено протестираа Полска и Унгарија.

Потпретседателката на Европскиот парламент Пина Пициерно од Италија, која ја водеше дебатата, рече дека институцијата преку „камерите ќе провери што се случило и дали навистина се случил фашистичкиот поздрав или не.“

„Не дозволуваме фашистички гестови и симболи. Ако тоа навистина е направено, тоа е сериозно кривично дело и ќе бидат преземени санкции“, предупреди таа.

Францускиот државен секретар за европски прашања Клемон Бон кој беше присутен на седницата, гестот на бугарскиот пратеник го нарече „скандалозен и срамен“.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола на Твитер напиша дека за неа фашистичкиот поздрав во Европскиот парламент „е неприфатлив секогаш и секаде“.

Таа додаде дека тоа ја навредува неа и сите во Европа и дека се залагаат за сосема спротивното и дека „овој поздрав е од најтемниот период од минатото на Европа и дека треба да остане таму“.

Џамбазки на Твитер се извини наведувајќи дека „не значи дека некој е нацист доколку не се согласува со вас.“

„Се извинувам ако моето невино мавтање (неговата цел беше да се извини) навреди некого, но ова е сериозен случај да се доведе нешто до апсурд“, напиша Џамбазки на Твитер.