„Пресвртна точка“ во нуклеарните преговори со Иран

Архива - преговори во Виена на светските сили за обновување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година.

Франција соопшти дека одлуката за спасување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година со светските сили е можно да биде донесена за неколку дена и дека сега зависи од Техеран кој треба да го направи политичкиот избор.

„Сега дојдовме до точка на пресврт. Тоа не е прашање на недели, тоа е прашање на денови“, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан во францускиот Парламент.

„Потребни се политички одлуки од Иранците“, додаде Ле Дриан.

Главниот ирански преговарач Али Багери Кани одговори на Твитер повикувајќи ги западните сили „да бидат реални, да избегнуваат непопустливост и да внимаваат на лекциите од изминатите четири години.

„Време е за нивни сериозни одлуки“, рече Багери Кани додавајќи дека по неколку недели интензивни преговори „поблиску сме од било кога до постигнување на догоовор. Ништо не е договорено додека се не биде договорено“, рече тој.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс рече дека Соединетите држави се во „последната фаза“ на индиректните разговори со Иран со цел да се спаси договорот.

Тој рече: „Ова е навистина решавачкиот период во текот на кој ќе можеме да утврдиме дали наближува взаемно враќање на усогласеноста со JCPOA или не“, рече тој. JCPOA е кратенката за Заедничкиот сеопфатен план за акција.