Украинската криза во суштина е конфликт меѓу европскиот политички и економски систем и режимот на „рускиот претседател Владимир Путин и олигарсите“ кои „не го сакаат европскот поредок на демократија и слобода, успешни економии и социјална хармонија“, изјави високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел во дебатата за украинската криза во Европскиот парламент. Тој оцени дека таа криза не може да се сведе на проширување на НАТО, туку дека тоа е конфликт на идеи, но укажа на подготвеноста на ЕУ да вложи максимални напори за да влезе во дијалог.
ЕУ и Франција го осудија повикот за руско признавање на териториите во источна Украина
Високиот претставник на ЕУ рече дека „никој не знае што ќе направи Путин“, но ја нагласи и подготвеноста на ЕУ и Западот за преговори со Русија, која „има безбедносни грижи што мора да се земат предвид“. „Не смееме сè да сведеме на проширување на НАТО, тоа е прашање на битка меѓу два политички и економски система“, рече Борел, според кој, една од целите на Путин бил обидот да предизвика раздор меѓу Европа и Америка, особено по американското повлекување од Авганистан. „Русите мора да бидат разочарани, бидејќи наместо раздор, Европа и САД покажаа единство“, рече Борел.