Врховен одлучи - Екссудијата Панчевски излегува од затвор

Поранешниот претседател на Кривичен суд Скопје, Владимир Панчевски

Поранешниот судија и претседател на Основниот кривичен суд во Скопје, Владимир Панчевски ќе излезе од затвор откако Врховниот суд ја укина пресудата на Апелациониот суд од Скопје. Панчевски две недели е во затворот во Шуто Оризари откако сам се пријави да ја издржува казната.

Панчевски беше осуден за злоупотреба на службената положба и овластувања поради злоупотреби со АКМИС, односно електронскиот систем за распределба на предмети кај судии. Тој беше осуден на три и пол години затвор. Апелациониот суд потоа му ја намали казната на две и пол години.

По одлуката на Врховниот суд пресудата се укинува и предметот се враќа на повторно одлучување пред второстепениот суд.

Веховниот суд ја донел одлуката бидејќи му е повредено правото на одбрана на Панчевски кога судиите од Апелациониот суд по жалбата не го повикале на седницата односно таа не била јавна.

При повторното одлучување, Врховен ја задолжува Апелација да одржи седница на која уредно ќе ги повика како јавниот обвинител, така и Панчевски и неговиот адвокат.

„На тој начин, забележува највисокиот суд, ќе им биде дадена можност на странките да ги изнесат своите ставови, а обвинетиот својата одрана, како и да направи директна и непосредна оценка на доказите”, се наведува во одлуката на Врховниот суд.