Министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО на денешната сесија на состанокот на НАТО во Брисел се обединија во решеноста за заштита на земјите членки и колективна одбрана и потребата од интензивен дијалог и изнаоѓање на одржливо политичко решение на кризата во и околу Украина, соопштија од Министерството за одбрана.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, според соопштението на состанокот заедно со останатите министри дала силна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
„Сè уште има простор за мирно надминување на оваа ситуација со дипломатски напори, кои е потребно да резултираат со смирување на ситуацијата на терен. Првата и главна цел на НАТО е колективната одбрана и затоа на сесијата стана збор и за идната поставеност на Алијансата во контекст на зајакнатата поддршка за сојузниците од т.н. источно крило на НАТО“, соопштија од министерството.
Петровска воедно ќе се сретне со нејзиниот словенечки колега, министерот Матеј Тонин, со министерот за одбрана на Грција, Николаос Панагиотопулос, со министерот за одбрана на Бугарија, Стефан Јанев и со турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар.
Министрите за одбрана на НАТО се состануваат денеска и утре во Брисел при што се очекува да покренат план за формирање четири мултинационални борбени групи во југоисточна Европа како одговор на руското воено засилување во Украина, изјавија тројца дипломати за Ројтерс. Овој потег ќе биде најголемата промена на позицијата на НАТО откако ги постави своите борбени групи во Естонија, Литванија, Летонија и Полска - поддржани од тенкови, противвоздушна одбрана и единици за разузнавање и надзор - како одговор на руската анексија на Крим во 2014 година.