Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека Алијансата „не видела деескалација на теренот“ и покрај најавите од Русија за повлекување на војниците стационирани во близина на украинската граница.
„Напротив, се чини дека Русија го продолжува военото засилување“, изјави Столтенберг за новинарите за време на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел.
НАТО може да докаже дека Русија не се повлекла со сателитски снимки, рече Столтенберг.
Заканата од Русија стана „нова нормала во Европа“, додаде Столтенберг, велејќи дека НАТО се обидува да формира нови воени групи на НАТО во централна и југоисточна Европа. Западните земји и Киев ги отфрлија тврдењата на Русија дека земјата почнала да ги повлекува војниците од границата со Украина, укажувајќи дека Москва продолжува со масовното воено засилување што предизвика страв од неизбежна инвазија.
Руското Министерство за одбрана денеска објави видео на кое како што рече, се гледа како тенкови, пешадиски борбени возила и самоодни артилериски единици го напуштаат полуостровот Крим, кој Москва го заплени од Украина во 2014 година.
Русија најпрво рече дека дел од војниците се започнале вчера да се повлекуваат, но американскиот претседател Џо Бајден истиот ден подоцна изјави дека Соединетите Држави допрва треба да видат доказ за нивното повлекување и дека руските војници , кои тој ги процени на повеќе од 150.000, според него, остануваат закана.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, исто така, рече дека нема видлив знак за повлекување на руските војници од позициите во близина на украинската граница.
„Да бидам искрен, ние реагираме на реалноста што ја имаме и сè уште не гледаме никакво повлекување“, рече Зеленски за време на посетата во западна Украина, каде што ги гледаше војниците кои тренираат со некои од нивните нови противтенковски оружја испорачани од Западот.