Западните лидери планираат да одржат нови разговори во наредните денови во врска со кризата предизвикана од распоредувањето на десетици илјади војници од страна на Русија во пограничните области со Украина.
Германското Министерство за надворешни работи на 16-ти февруари потврди дека министрите за надворешни работи на земјите од Г-7 ќе одржат итен состанок во Минхен на 19-ти февруари.
Домаќин на разговорите ќе биде министерката за надворешни работи Аналена Баербок, а истите ќе се одржат паралелно со Минхенската безбедносна конференција, која ќе трае од 18 до 20 февруари.
Ројтерс, цитирајќи претставници на ЕУ, објави дека лидерите на Европската унија ќе се состанат за да разговараат за кризата на 17 февруари.
„Лидерите се состануваат во Брисел за самитот во Африка и сакаа да се сретнат и да разговараат за кризата на украинската граница, да се информираат, да разменат информации и ставови“, цитира Ројтерс еден од претставниците на ЕУ.
Русија распореди според некои проценки, 130.000 до 150.000 војници во областите во близина на нејзината граница со Украина, предизвикувајќи стравувања дека можеби е подготвена за инвазија на својот сосед. Москва постојано повторува дека нема планови за инвазија на Украина и дека изведува воени вежби на нејзина територија.
Г7 ги вклучува САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Јапонија и Италија.