Гоце Делчев е основоположник за национална борба којшто се борел за независна македонска држава која што ние денес ја живееме, која што е членка на НАТО, која што е на чекор до отворање на преговорите со ЕУ штом ќе се решат прашањата со Република Бугарија кои што ги имаме отворено, изјави денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски на новинарското прашање за етничката определба на револуционерот. Тој додаде дека тие мора да се решаваат во духот на европските вредности, во духот на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави и во духот на почит и на позитивна комуникација како помеѓу политичарите во двете држави, така и помеѓу граѓаните и институциите во двете држави.
„Со оглед на тоа што постојат отворени прашања коишто се дел од историјата, формирана е Историска комисија, односно Комисија за историски и образовни прашања какви што комисии се формирани и помеѓу држави коишто исто така имале историски спорови и во други делови во Европа. Такви комисии постојат помеѓу Германија и Полска и помеѓу други држави и коишто работат низ годините. Исто така, и оваа Комисија работи според своја методологија, работи според историски факти и во неа учествуваат професори по историја и затоа јас велам дека политичарите треба да се занимаваат со политичките прашања бидејќи за тоа се избрани и тоа треба да го прават врз основа на европски вредности, додека историчарите треба да истражуваат за историските прашања и врз основа на заеднички сознанија треба заеднички да ги соопштуваат“ изјави Ковачевски по посетата на компанијата „Текспорт“.
Ковачевски: Историските прашања ќе ги решава стручната историска фела
Тој изјави дека разговорите со Бугарија за отворените политички прашања се водат на ниво на експертски групи и за сите резултати од разговорите МНР информира откако завршуваат состаноците. Штом ќе има решение кое што е прифатливо за двете страни тоа ќе биде споделено со јавноста, вели Ковачевски. Тој најави дека за политичките прашања на ниви на МНР следната средба ќе биде во Скопје.
„Што значи дека процесот се води на ниво на експерти коишто работат во МНР со полн капацитет со своите колеги од Република Бугарија и штом ќе има решение кое што е прифатливо за двете страни, тогаш нормално дека тоа ќе биде споделено со јавноста и нормално дека ќе биде споделено низ институциите коишто тоа решение ќе треба да го одобрат согласно со законските и уставните одредби на државата“, рече Ковачевски коментирајќи ја изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека нема да признае каков било договор со Софија се додека се договара зад затворени врати.
Мицкоски: Се додека Софија инсистира дека сме биле Бугари до 1945, не сум оптимист за решение
Ковачевски истакна дека министерот за надворешни работи во однос на отворените политички прашања имал свое излагање во Комисијата за надворешни работи во Собранието, каде што сите пратеници можеле изворно да се информираат.