Казахстан најавува десеткратен раст на данокот за копање криптовалути

Илистративна фотографија

Казахстанскиот министер за економија Алибек Квантиров изјави дека неговиот тим предложил десеткратно зголемување на даночната стапка за компаниите за ископување криптовалути кои работат во Казахстан.

Квантиров рече дека овој потег е неопходен за да се регулираат сите компании за ископување криптовалути во централноазиската земја, кои трошат електрична енергија, и од компаниите што произведуваат струја, и од нерегулираните групи за снабдување со енергија.

Квантриов рече дека предложената промена нема да влијае на обичните потрошувачи.

Министерот за енергетика, Болат Акшолаќов, го поддржа Квантиров, велејќи дека мора да се утврдат квоти за електрична енергија за ископување криптовалути и дека цената што ја плаќаат за електрична енергија мора да се зголеми од 20 април.

За копањето криптовалути се користат огромни количини електрична енергија за работа на многу компјутери со голема моќност. Овие компјутери работат на решавање сложени нумерички операции кои мора да се решат за да се создаде или ископа валутата и да се завршат трансакциите.

Акшолаќов рече дека е неопходно да им се забрани на копачите на криптовалути да купуваат електрична енергија од нерегулирани добавувачи и да им се овозможи да добијат напојување од обновливи извори.

Минатата недела, претседателот Касим-Жомарт Токаев ја повика владата да ги зголеми даноците за ископување криптовалути, истакнувајќи дека сегашната даночна стапка е премногу ниска.

Казахстан кој е богат со нафта се рангираше како еден од светските лидери во ископувањето криптовалути во последните месеци. Земјата сочинуваше 18 отсто од минираните криптовалути ширум светот во август 2021 година.