Белгиските вработени ќе можат да работат четири дена во неделата, откако владата се согласи на нов работен договор со цел да донесе флексибилност на инаку крутиот пазар на труд.
Откако федералната влада од седум партии постигна договор во текот на ноќта, премиерот Александар Де Кро изјави дека пандемијата ги принудила луѓето да работат пофлексибилно и да ги комбинираат приватниот и работниот живот.
„Ова доведе до нови начини на работа“, рече тој на прес-конференција.
Вработените кои ќе го побараат тоа ќе можат да работат и до 10 часа дневно доколку се согласат синдикатите, наместо максималните 8 сега, за да работат еден ден помалку неделно за иста плата.
Белгијците, исто така, ќе можат да изберат да работат повеќе во текот на една недела и помалку следната недела, што ќе им овозможи на луѓето подобро да управуваат со својот работен и приватен живот, на пример во случај на заедничко родителство.
Со договорот се воведува и „право на исклучување“ по нормалното работно време за компаниите со над 20 вработени. Со него се поставуваат нови правила за таканаречените работници на платформите како Убер, вклучувајќи и нови критериуми за нивно прифаќање како вработени.
Белгија има за цел да ја зголеми стапката на вработеност на 80% за 2030 година, наспроти 71,4% на крајот од минатата година.