Рускиот претседател Владимир Путин по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Москва изјави дека НАТО не ги исполнило основните барања и дека „има обврска да не ја зајакнува својата безбедност на штета на другите земји“.
Меѓутоа, тој исто така рече дека е „подготвен да разговара“ за европските безбедносни прашања и распоредувањето на проектили.
Путин директно беше прашан од новинарите дали може да ја исклучи можноста за војна во Европа. Тој се осврна на претходните коментари на канцеларот Шолц дека неговата генерација не може да замисли војна во Европа. Сепак истакна дека континентот доживеал војна во поранешна Југославија во 1990-тите, за која тврди дека била „иницирана од НАТО“.
Путин нагласи дека „Русија не сака војна“ и поради тоа дава предлози за почеток на преговарачкиот процес, но исто така истакна дека „немало конструктивен одговор на руските предлози“.
Сепак, додаде дека сè уште има прашања покренати од НАТО и САД за кои би можело да се разговара.
Германскиот канцелар Шолц посочи дека распоредувањето на војници на границата со Украина се смета за закана и е неразбирливо.
„Не можеме доволно да нагласиме колку сме загрижени околу 100.000 војници долж границата. Не гледаме причина зошто тие да бидат таму“, рече Шолц.
Тој додаде дека бара деескалација во регионот и дека е важно „да нема војна“. Шолц истакна дека за територијалниот интегритет „не може да се преговара“ и дека неговата желба е дијалог.
„Повлекувањето на дел од руските војници е „добар знак“ и ние сме подготвени да разговараме за многу конкретни чекори за обезбедување мир и безбедност. Разговорите не смеат да запрат“, рече Шолц.
Тема на разговор бил и енергетскиот сектор, при што Путин рече дека ова е клучна област на соработка со Германија. Зборувајќи за гасоводот Северен тек 2 меѓу двете земји, кој е готов, но сè уште не е пуштен во употреба, Путин рече дека тоа е „чисто комерцијален проект“ кој не вклучува политика.
Тој додаде дека „Русија е среќна да продолжи да испорачува гас преку Украина доколку има побарувачка за него“.
На почетокот на денешната средба со Шолц, Путин рече дека Москва го смета Берлин за еден од своите главни партнери.
„За жал, значителен дел од нашето време ќе биде посветено на прашања поврзани со ситуацијата во Европа и безбедноста“, рече Путин пред средбата.
Разговорот меѓу Путин и Шолц е последниот обид на еден западен лидер да го убеди Кремљ да избере дипломатија среде тензиите околу распоредувањето на руските војници во близина на Украина.
Посетата на Шолц во Кремљ уследи по сличните посети за преговори на кризата минатата недела, како францускиот претседател Емануел Макрон и двајца британски министри.
Шолц, кој вчера се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, рече дека не гледа „разумно оправдување“ за воената активност на Русија на границата со Украина. Германскиот канцелар ја повика Русија да преземе итни чекори за намалување на тензиите предизвикани од околу 130.000 војници собрани во близина на границата со Украина.