Западот и Украина чекаат целосно повлекување на руските трупи

илустрација

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека Русија мора да ги повлече сите свои преостанати сили од заедничката граница, по информациите дека некои руски војници се враќаат во своите бази.

„Не верувајте во она што го слушате, верувајте во она што го гледате. Кога ќе го видиме повлекувањето, ќе веруваме во деескалација“, им рече тој на новинарите.

Во меѓувреме Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, денеска од Брисел изјави дека „досега не виделе никаква деескалација од страна на Русија на границата со Украина“.

„Русија ги групира борбените сили во и околу Украина без преседан од Студената војна. Сега сè е подготвено за нов напад. Но Русија има уште време да се повлече, да престане да се подготвува за војна и да почне да работи на мирно решение“, нагласи тој.

Сепак Столтенберг додаде дека „знаците кои доаѓаат од Москва за дипломатските напори даваат одредена причина за внимателен оптимизам“. Тој им се обрати на новинарите пред дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО. Генералниот секретар најави дека ќе се разговара за „потребата од дополнително зголемување на одбранбена позиција на Алијансата“.

И британската министерка за надворешни работи Лиз Трас рече дека Британија треба да види целосно повлекување на руските трупи од границата со Украина за да верува дека Москва нема планови за инвазија.