Ослободителна пресуда за Пале Иловска

Судот ја ослободи од обвинение велешанката Павлинка (Пале) Иловска, која со нож го усмрти својот насилен партнер, полицаец од Велес. Таа одговара за кривично дело убиство во миг.

Судијката рече дека Пале се бранела, а од под ноктите на покојниот полицаец се утврдило дека тој навистина ја давел. Била влечена за облеката, удирана по нозете и рацете, но и по главата.

„Во согласност со Кривичниот законик, нужна е одбраната, која е неопходна. Нападот и одбраната се неопходни елементи. Тој ја влечел, клоцал, ја стегнал околу вратот, неоспорно се утврди од записникот за увид, по самиот увид на настанот, кај обвинетата имало телесни повреди, изразени на главата, ногата и на вратот. Натаму, на овој доказ се надоврзува телесниот преглед на обвинетата“, рече судијката образложувајќи ја пресудата.

Случајот на Пале Иловска предизвика реакции во јавноста кога се дозна дека таа неколкупати го пријавувала партнерот за малтретирање, но дека тој не бил гонет.

Илиовска на вчерашното рочиште рече дека не се чувствува виновна. Како што наведе судијката, трошоците за постапката паѓаат на товар на државата, а мерката куќен притвор се укинува.