ДКСК со иницијатива за кривична одговорност за сегашен и поранешен градоначалник

Седница на ДКСК, илустрација

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење во Основното јавното обивнителство против поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски и против актуелниот градоначалник на Општина Студеничани Азем Садики.

Како што беше појаснето на денешната седница на Антикорупциската комисија, за екс градоначалникот Георгиевски постојат основи за сомневање во врска со изградбата на катастерска парцела во Општина Маџари, додека основи за сомневање постојат врз основа на Ревизорски извештај, за недомаќинско работење и трошење на средства од Буџетот, како и јавни набавки во општината за градоначалникот Садику.

Нури Бајрами, член на ДКСК, во образложението за случајот со Георгиевски, меѓу другото информира дека по направената целосна проверка, градбата е изведена без одобрение за градба, градоначалникот постапил спротивно на Законот за локална самоуправа, што претставува прекршување на Закон и злоупотреба на службената должност и овластување.

„Оваа пракса покажува дека овластените општински инспектори, како што се поставени под капа на градоначалникот, тој одлучува за нивните права и обврски. Инспекторот бил на мака и тој требало да се изјаснува пред членовите на Советот, бил изложен на мобинг. На последната средба што ја имавме дознавме од актуелните вработени односно тие што присуствуваа на состанокот дека овластениот инспектор ја напуштил работата. Ова е појава една што треба да се третира на наредните дебати, овластените инспектори навистина да можат да постапуваат“, изјави Бајрами, член на ДКСК.

Билјана Ивановска, претседател на ДКСК најави дека на секоја идна седница Комисијата секогаш ќе обработува по еден извештај на Државниот завод за ревизија и ќе доставува до Јавното обвинителство иницијативи за кривична одговорност за службени лица кои ги прекршиле своите овластувања.

„Посебно е симптоматично што ДКСК се воздржува од издавање мислења за утврдените состојби во Општина Студеничани. Тоа е состојба што значи дека на ревизорите не им е обезбедена соодветна документација за поткрепување на нивните наоди. Ова е полошо од издавање на негативно мислење, рече Ивановска.

Таа појасни дека ревизорите не издале мислење, затоа што во 2020 година на сметката на Општина Студеничани биле исплатени средства во вкупен износ од 2,4 милиони денари без соодветна поткрепувачка документација, а вклучуваат поправки и тековно одржување на улици и патишта во износ од 1,9 милиони денари на двајца добавувачи по фактури, а нема прилог дека работите се извршени и одобрени. За поправка на возила се исплатени 205 илјади денари, за што нема работен налог.

.