Пензии и тензии

БЕЛОРУСИЈА - Белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко и рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретнат пред викендот, додека заедничките воени вежби на двете држави продолжуваат да ги поттикнуваат стравувањата дека Москва можеби планира напад врз Украина.

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика државните службеници, политичарите и бизнисмените кои неодамна ја напуштија земјата да се вратат во Украина во рок од 24 часа за да покажат единство со нацијата поради стравувањата од претстојната руска инвазија.

САД - САД ги преместуваат активностите на својата амбасада од Киев во градот Лавов, кој се наоѓа во западна Украина, поради загриженоста за безбедноста на персоналот, изјави денеска американскиот државен секретар Антони Блинкен.

ИРАН - Иранскиот министер за надворешни работи вели дека договорот за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година е при рака, упатувајќи на напредниот моментум на преговорите во Виена.

СРБИЈА - Владата на Србија на денешната седница го усвои предлогот претседателот на Србија да го распушти Собранието во пресрет на претстојните парламентарни избори кои се најавени за 3 април.

УНГАРИЈА - Унгарската влада негираше дека премиерот Виктор Орбан за време на предизборниот митинг одржан на 12 февруари ја покренал можноста за повлекување на земјата од Европската унија.

МАКЕДОНИЈА - За еден месец минималната синдикална кошничка е зголемена за 770 денари, покажува пресметката на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Според нивните пресметки кошничката за јануари годинава изнесува 35.811 денари, а таа во декември била 35.042.

МАКЕДОНИЈА - По признанието на високи партиски функционери во судскиот случај „Титаник“ треба да следуваат оставки на сите актуелни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои биле дел од раководството на оваа партија во тоа време, рече денеска пратеничката на СДСМ Снежана Калеска Ванчева.

МАКЕДОНИЈА - МАКЕДОНИЈА - Премиерот Димитар Ковачевски денска изјави дека се прават анализи за зголемување на пензиите. Тој најави и финансиска помош за пензионерите за полесно справување со енергетската и економската криза.