Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика државните службеници, политичарите и бизнисмените кои неодамна ја напуштија земјата да се вратат во Украина во рок од 24 часа за да покажат единство со нацијата поради стравувањата од претстојната руска инвазија.
„Ваша директна должност е во таква ситуација да бидете со нас, со украинскиот народ. Предлагам да се вратите во својата татковина во рок од 24 часа и да застанете рамо до рамо со украинската армија, нашата дипломатија и со нашиот народ“, рече Зеленски во видео обраќање, пренесува Ројтерс.
Украинските медиуми објавија дека некои бизнисмени и пратеници ја напуштиле земјата минатиот викенд откако САД, Велика Британија и други западни земји ги советувале своите граѓани итно да ја напуштат Украина.
„Вратете се кај вашиот народ и вашата земја, која беше изворот на вашите фабрики и вашето богатство“, рече Зеленски.
Американските власти уште од петокот предупредуваат дека напад може да се случуви секој ден.
„Ни беше кажано дека 16 февруари ќе биде ден на нападот, ние ќе го направиме ден на единство“, рече Зеленски.
Русија собра околу 100.000 војници во близина на украинската граница, а според непотврдени информации уште 30.000 се ангажирани за воените вежби во Белорусија кои почнаа пред неколку дена. Русија негира дека планира инвазија на Украина.